Archive Page 2

15
Oct
07

Самодовербата на Незнајковците

Она што кај нас е познато во народните мудрости како “Најлоши се приучените“ или “Си мислел пиштолот дека е пушка“ се потврдува како точно во научната студија “Unskilled and Unaware of it: How Difficultes in Recognizing One`s Own Incompetence Lead to Inflated Self-Assessments” позната како Dunning-Kruger ефект по авторите на студијата, кои патем си лапнале и Нобелова нагрда за истата.

Малку за резултатите:

  1. Некомпетентните, споредни со компетентните, драматично ги преценуваат своите способности и резултати во однос на објективни критериуми.
  2. Некомпетентните имаат недостаток на метакогнитивни способности со кои можат да ја препознаат компетентноста кога ќе ја видат, како кај себе така и кај останатите.
  3. Некомпетентните личности се помалку способни во однос на покомпетентните да навлезат во разбирањето на реаланите постигнувања во смисла на социјализирачки споредувани информации. Или поинаку кажано, некомпетентните не може да ја препознаат екстремноста на својата некомпетентност.
  4. Некометентните може да ги согледаат своите маани, (парадоксално!) со тоа што ќе станат покомпетентни, така што со добивањето на метакогнитивните вештини ќе можат да увидат дека нивните резултати биле слаби.

Е оваа последнава точка е за дискусија. Како глупиот, незнајкото, игнорантот, некомпетентниот да стане попаметен, поучен, покомпетентен? Глупиот нема да биде глуп кога ќе стане паметен. Некомепетениот ќе куртули од некомпетентноста кога ќе стане компетентен. Како се преоѓа во следниот круг? Со магија, книга, бакнеж, шаман, стап или со нешто друго?

Technorati Tags: , , , ,

15
Oct
07

Откачете ја Надица!

Обично не давам љубовни совети. Во случајов ќе направам исклучок. Откачете ја Надица! – не се однесува на одредена Надица, со презиме и домашна адреса. Таа може да се нарекува и Надежда, Нада, или пак да се појави во машки облик, како на пример Надко. Сеедно, се работи за истата Надица, за нејзината суштина.

Кај повеќето, Надица е долгогодишна љубовница и одамна свила гнездо во нивното срце. Ненаметлива и без фанфари таа е секогаш при вас кога е најтешко. Верна е оваа љубовница. Ако за момент ве напушти, веќе во наредниот пак ќе ви се врати. Таа е утешителка. И веројатно сметате дека не можете да живеете без неа, без нејзината верност и љубовни дарови. Веројатно сметате дека ќе ве надвладее очајот доколку ја откачите Надица, дека без неа би биле беспомошни. И вонредно е тешко да го прифатите мојот љубовен совет. Особено кога сте во криза и кога вас ве откачиле сите. Кога пред вас се наоѓаат понекои, или сите заедно, од човековите зла што ги ослободи митската Пандора тогаш Надица ќе ве заведе со нејзината насмевка. Болести, чуми, војни, пороци и сите останати бедотии, заедно во иста кутија се скриле, а само Надица остана утеха и љубов да подаде. Зар не е ова малку сомнително? Што е причината, а што последицата? А што ако ја откачите Надица? Ако се откажете од нејзинато заводливо друштво?

Сомнежот ми падна на Надица. Сомнеж во нејзината љубов, добронамерност и верност. Во моментите на живот или смрт, во моментите на одлука, или пак во моментите кога блика животот во полна сила, Надица никаде ја нема. Ја нема тогаш со бакнеж да се јави, или барем прегратка да понуди. Додека пак, Надица е тука кога сте мали, кога вашата судбина не е во вашите раце, или така си мислите. Надица е тука за страшливците, за незнајковците, за слабаците. За робјето! Мислите дека е тука од благородни причини, од љубов, но таа е тука да ве окова во системските ланци. Неверница е Надица. Посесивна блудница. Флертува во исто време со милиони други. И бидете сигурни, таа воопшто не ве сака. А каде би одела таа доколку го нема во нас страшливецот, игнорантот?

Да расчистиме уште една работа. Се наметнува погрешна слика за трите друшки кои одат рака под рака, Љубица, Верица и Надица. Љубица е идеалистка. Љубовта со неа е органска, доаѓа од внатрешноста на секоја клетка. Љубов чиста, неусловена. Љубица сама ќе ви пријде, ќе ве освои. Кога ќе се случи тоа останува само да се препуштите без колебање и размислување. Без разум, а со срце е љубовта на Љубица.

Љубовта со Верица може да ви понуди многу, бескрајно многу. Но Верица има сестра близначка. Верица и лажната Верица. Колку со Верица може да се воздигнете во љубовта, толку со лажната Верица може да пропаднете во љубовната бездна. Како да препознаете која Верица е вистинската, а која лажната? Има неколку особености кои помагаат во препознавањето. Верица ја сака интимата во љубовниот чин. Никогаш не ви се предава од прва. Таа ќе ви предложи да се најдете на некое за неа интимно место. Доклку сте истрајни во трагањето Верица ќе ве пречека со раширени раце. Љубовните плодови по долгата потрага се вкусни и бесценети. Потрагата може да трае неколку години. Можеби ќе поминете неколку планини и долини, но вистинската Верица ќе ви помогне, ќе остави неколку траги, марамчиња или камчиња попат. Лажната Верица ќе побара да ја барате на некое непостоечко бајковито место. Можеби ќе ви предложи да ја најдете на едниот крај на небото, на некое розево безвремено рајско место. Или пак ќе ви каже дека ве чека на другиот крај од небото заедно со уште сто девици. Вистинската Верица не ја сака толпата. Овој пат ќе мора да го изодите воглавно сами. Помошта и советите се добредојдени, но Верица ќе ја пронајдете сами. Доколку Верица ви ја местат стројници, пријател(к)и, учени професионалци или било кој друг, тоа е сигурен знак дека се работи за лажната Верица. До Верица нема кратенки, нема организиран превоз со автобуси. Вистинската Верица не ја сака хиерархијата.

Сега кога ги запознавме прекрасните Љубица и Верица, се прашувам, како ли само во нивно друштво се најде Надица? Направете споредба. Неусловената љубов од срце за Љубица со ситноразумското калкуланство во љубовта на слабаците за Надица. Верица ве сака сам, а Надица флертува со милиони. Верица е во љубов со храбрите и истрајните, а Надица во љубов со страшливците. Надица дефинитивно не припаѓа во ова друштво. Надица е за оние што цимолат. Жалопојки на возрасните деца. Надица е за плачковци. Можеби овој совет ќе помогне во разбирањето и практикувањетона љубовта, доколку сеуште не сте го сториле тоа, – Откачете ја Надица!

Technorati Tags: , ,

15
Oct
07

50 пати превиткан весник

Господонот В купи весник. Го превитка весникот и го метна под мишка. Пред да појде дома тргна на вообичаената прошетка. Прошетката му се услади, продолжи, па го обиколи целиот град. Дома стаса пријатно уморен. Седна крај трпезариската маса со намера да го отвори весникот кога го слушна ѕвончето.

- Господине В, вашиот весник!!! – пред вратата извикуваше устата на трафикантот.

- Што со весникот? – прашуваше В додека си припомнуваше дека навистина го плати весникот.

- Вашиот весник е се уште на мојата полица. Вашиот весник е преку целиот …

- … град – дополни полицискиот началник ненадејно појавувајќи се зад грбот на трафикантот.

- Весникот е над целиот град. Не знам за каков весник се работи, за какво издание, но весникот го поклопил градот. Весникот ги затскрива граѓаните и градот – дообјаснуваше пристигнатиот градоначалник веднаш од зад грбот на полицискиот началник.

- Нешто мора да се превземе. Имаме безброј поплаки. Телефоните на градските служби постојано ѕвонат. Веќе добив повик од … вечер ќе заседава градскиот совет. Ќе донесеме заклучоци – веќе посигурно настапуваше градоначалникот.

- Морам да ве замолам … предупредам за нешто. Знаеме дека весникот е легално купен … другите работи се истражуваат. Но весникот не смеете да го отворате. Постои опасност доколку се отвори весникот да ја покрие целата држава – громогласнен во сигурноста беше полицискиот началник.

Вечерта до доцна во ноќта заседаваше градскиот совет. Од целата земја беа повикани најдобрите експерти со широки познавања. Имаше и специјални државни претставници. Падна одлуката: Рано пред зори весникот на господинот В ќе биде 50 пати превиткан и така превиткан вратен на господинот В, исто како и парите за кои е купен весникот кои ќе се издвојат од фондот за непредвидени трошоци на градот, а за кои средства на наредната седница на градскиот совет ќе се направи ребаланс на градскиот буџет.

Господинот В таа ноќ око не склопи. Пред зори градските служби го известија господинот В за одлуката. Го земаа весникот и 50 пати го превиткаа. Така превитканиот со геометриска прогресија весник му го вратија на господинот В. Огромната плоштина на весникот сега беше сведена на точка. Дебелината на весникот сега беше огромна. Господинот В не можеше да види до каде досега дебелината на весникот. Весникот на господинот В наликуваше на нишка со непозната должина. Господинот В беше уморен. Му се спиеше. Го стави весникот на масичката крај постела. И додека првиот сончев зрак во градот пристигаше по нишката весник господинот В усмивајќи се заспа.

Technorati Tags: , , ,

30
Sep
07

Путин во Атина за нафтоводот Бургас-Александрополис

На 4 Септември Рускиот претседател Владимир Путин оди во Атина на трилатералната средба со Бугарскиот Престседател Прванов кај домаќинот Грчкиот Премиер Караманлис на разговори за планираниот нафтовод Бургас – Александрополис. Овој настан, сам по себе, зборува за уште една веројатно пропуштена шанса за Македонија и може да допринесе за еден куп наши политички и економски порази. Информацијата од Атинската (ANA) дека средбата била на барање на Руската страна говори за засилениот интерес на самата Русија за проектот. Грција одамна се труди да го протурка овој за нив стратешки нафтовод со кој се преспојува Босфорот за превоз на нафта. Нафтоводот Бургас Александрополис е дирктна конкуренција за планираниот нафтовод АМБО од Бургас до Флора во Албанија.


Текст на eks peakoil од 2 Септември 2006.

Continue reading ‘Путин во Атина за нафтоводот Бургас-Александрополис’




Watch videos at Vodpod and other videos from this collection.

 

December 2009
M T W T F S S
« Jun    
 123456
78910111213
14151617181920
21222324252627
28293031  

Blog Stats

  • 131 hits